Skip to main content
Спорт

Шкендија се огради од навивачите кои пееја песни за УЧК за време на минутата молк

31/03/2025  21:30

Фудбалскиот клуб Шкендија излезе со соопштение по повод инцидентот што се случи на натпреварот против Брера во Тетово, кога наместо почитување на минутата молк за жртвите од трагедијата во Кочани, група навивачи на тетовскиот клуб пееја песни за УЧК.

На мечот, кој заврши со победа на Шкендија од 2-1 и го обезбеди првото место на табелата, според сведоштва и снимки, настанот предизвика огорченост кај јавноста и реакција од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). ФФМ го осуди инцидентот и потврди дека клубот е предаден на дисциплинската комисија, со најава за висока казна поради несоодветното однесување на навивачите.

Шкендија: „Целосно ја почитувавме минутата молк“

По реакцијата на ФФМ, со официјално соопштение се огласи и ФК Шкендија, кој истакна дека клубот целосно ги почитува институционалните одлуки и чувствителните моменти поврзани со трагедијата во Кочани.

„Шкендија со целосна одговорност ги следи и ги почитува сите институционални одлуки поврзани со чувствителни моменти за општеството. Ние како клуб длабоко ја доживеавме трагедијата која се случи во Кочани, настан кој го потресе целиот народ и емотивно се одрази во нашето секојдневие. Оваа голема тага беше присутна на секој наш тренинг во изминатите денови и се рефлектираше и на мечот против Брера“, стои во соопштението на клубот.

Оградени од навивачите: „Не го претставуваат клубот“

Шкендија потенцира дека клубот и играчите целосно ја испочитувале минутата молк, но група од околу 20 поединци, кои биле на централната трибина, се однесувале несовесно, што не ги одразува чувствата и почитта на поголемиот дел од присутните.

„Сепак, за време на овој момент, група на поединци од трибините не ја почитуваа тишината — однесување кое не го претставува ниту клубот ниту навивачката група во целост. ‘Балистите’, кои вообичаено се позиционирани на трибината ‘Маршин Беќири’ зад голот, овојпат беа сместени на централната трибина. На мечот присуствуваа околу 3.000-4.000 гледачи, а само група од околу 20 поединци покажаа неодговорно однесување кое не ги одразува чувствата, солидарноста и почитта на поголемиот број од присутните навивачи“, наведуваат од клубот.

Балистите: Неодговорно однесување на поединци

Навивачката група „Балисти“, која важи за нераскинлив дел од клубот, според соопштението на Шкендија, моментално е во процес на реорганизација. Клубот истакна дека неодговорното однесување на мала група поединци не го претставува ставот на целата навивачка група. Поголемиот дел од навивачите, според клубот, реагирале со свирежи и незадоволство кон тие што пееја.

„Изразуваме жалење за оваа ситуација и повторно го истакнуваме својот цврст став на почит кон загубените животи и болката низ која поминува целото општество“, се вели на крајот од соопштението на Шкендија.

Очекувања за санкции

Инцидентот го отвори прашањето за одговорноста на клубовите за однесувањето на нивните навивачи, особено во чувствителни моменти кога е потребно достоинствено однесување. ФФМ веќе го предаде случајот на дисциплинската комисија и се очекуваат високи санкции за Шкендија, а јавноста продолжува да бара одговорност и казни за инцидентот што ја разбранува фудбалската сцена во земјата.