
Русија претставува јасна и непосредна опасност и главна закана за евроатлантската безбедност, порача заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, во нејзиното обраќање на форумот во Дубровник, Хрватска, во рамки на панелот „Зајакнување на европските одбранбени капацитети – предизвици и можности“.
„Алијансата не сака да биде агресивна сила, туку силна и подготвена за одбрана од закани како што се Русија и тероризмот“, истакна Шекеринска, додавајќи дека зголемените вложувања во одбраната се најдобар начин за одвраќање на потенцијална агресија.
Говорејќи за руската инвазија врз Украина, таа потсети дека агресијата започна уште во 2014 година, а кулминираше во 2022, нагласувајќи дека „не смееме да бидеме ниту наивни, ниту да се опуштиме“.
„Нашата цел е НАТО да биде посилен, поправеден и поефикасен, не за да се закануваме, туку за да одвратиме секоја потенцијална закана“, рече Шекеринска.
Шекеринска ја нарече „историска“ одлуката на самитот на НАТО во Хаг минатиот месец, каде земјите членки се обврзаа да ги зголемат буџетите за одбрана на 5% од БДП до 2035 година. Според неа, оваа заложба мора да се надгради преку развој на одбранбената индустрија и континуирана поддршка за Украина.
Таа подвлече дека заштитата на киберпросторот, критичната подморска инфраструктура и заедничкиот развој на европската одбранбена индустрија се клучни точки во соработката меѓу НАТО и Европската Унија.
„Ако сакаме да покажеме единство и солидарност, сите мора да ги исполнат своите обврски“, заклучи Шекеринска.
На форумот присуствуваа и шест члена на американскиот Конгрес, меѓу кои и конгресменот Мајкл Тарнер, кој изјави дека САД останува цврсто посветена на Европа, на НАТО и на Балканот.
„Ова е јасна порака за нашата посветеност на НАТО, на Хрватска, на Балканот. Ние не си одиме никаде“, истакна Тарнер, кој додаде дека барањето на поранешниот претседател Доналд Трамп за зголемување на одбранбените трошоци не е само американска идеја, туку реална потреба поттикната од руската агресија.
Тарнер изрази уверување дека САД ќе останат цврсто покрај Украина и ќе продолжат да инвестираат во напредна воена технологија, меѓу кои ракетни системи, дронови и конвенционално вооружување.