Skip to main content
Македонија

Шајн: Време е за промени во Охрид, охриѓани ќе изберат нов концепт, проекти и резултати

03/10/2025  22:20

Кандидатот за Градоначалник на општина Охрид од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Асен Шајн, на вечерашната граѓанска трибина на која присуствуваше и лидерот на СДСМ, д-р Венко Филипче, рече дека реалноста во Охрид е далеку од сликата која оваа општина ја заслужува и дека е време за промени и вистински проекти.  

„Граѓаните се разочарани… и со право. Многу се ветува, а ништо не се исполнува. Комуналниот развој е запоставен, градот е нечист, нема проекти, нема никаков развој. Младите заминуваат, економијата стагнира, а граѓаните живеат од денес за утре.  Туризмот, кој треба да биде носечки столб на еден ваков туристички бисер, е сведен на неколку месеци хаос, а остатокот од годината живееме со истите и нерешени проблеми”, истакна Шајн.

Тој додаде дека Охрид станал лична своина на градежни инвеститори, кои со амин на локалната власт, на охриѓани приредија страшна урбана девастација.

„Штетата зазема непоправливи размери, ги загрозува природните и културните богатства и комплетно ја уништува околината. Дишеме загаден воздух, нема каде да паркираме, а јавните површини се уништени.  Се навикнавме на сето она што не треба да биде нормално, нагласи кандидатот за градоначалник Шајн.

На граѓанската трибина на СДСМ во Охрид, д-р Шајн истакна дека нема да зборува за минатото,  туку за иднината, бидејќи заедно со кандидатите за советници има реални идеи, нов концепт и конкретен план.

„Урбанистичкото планирање ќе има нова димензија, ќе воведеме нови еколошки практики, а на крајбрежјето на Охридското Езеро, уредување, согласно препораките на УНЕСКО. Културата и спортот ќе добијат нова енергија, а туризмот ќе го градиме на одржливи темели, со грижа кон природата, историјата и локалните потреби”, истакна Шајн.

Шајн нагласи дека инфраструктурата е негов приоритет и дека ќе води општина која нема да заборави никого.

„Секоја улица, секое мало, секое населено место ќе го добие потребното внимание. Ќе го слушаме гласот на месните и урбаните заедници, тие ќе бидат наш вистински партнер и сојузник во работата. Одлуките ќе се носат со народот, а не без него! “, рече Шајн, додавајќи дека СДСМ е партија што досега покажала дека знае да инвестира во капитални проекти и трајни вредности.