Skip to main content
Скопје

Шабан Салиу со пензионерите во Шуто Оризари по повод Меѓународниот ден на старите лица

02/10/2025  08:41

Кандидатот за градоначалник на општина Шуто Оризари и претседател на Демократските сили на Ромите (ДСР), д-р Шабан Салиу, вчера оствари средба со пензионери од општината по повод Меѓународниот ден на старите лица. Целта на средбата е дијалог за потребите на највозрасните сограѓани и претставување на приоритетите за системска поддршка, активен живот и поголема безбедност во маалата.

„На Меѓународниот ден на старите лица го повторуваме нашето ветување дека секој пензионер заслужува сигурност, почит и внимание – секој ден, а не само денес. Со изборот на  бројот 24 на локалните избори ќе обезбедиме повеќе програми, активности и поддршка за нашите највозрасни сограѓани. Време е да им вратиме на постарите генерации дел од љубовта и трудот што тие го вложија за сите нас,” изјави д- р Салиу.

На средбата беа претставени и дел од програмските приоритети на д-р Шабан Салиу, а кои се насочени кон овозможување на дневни и клубски активности за пензионерите, мобилна услуга за домашна поддршка, превентивни здравствени пунктови со бесплатни мерења и совети, субвенции за културни настани, како и програми за меѓугенерациска солидарност и дигитална писменост.

Д- р Салиу најави дека приоритет ќе биде редовен календар на активности во соработка со здруженијата на пензионери, јавна транспарентност за нивната реализација и директна линија за пријава и брза интервенција на општинските служби во случај на итни потреби на пензионерите.

„Нашата визија е јасна – достоинствен и активен живот за секој пензионер во Шуто Оризари, со мерливи резултати и отчетност пред граѓаните,” додаде д-р Салиу.