Skip to main content
Македонија

Семејството Аслани обвинува за полициска бруталност по смртта на нивното двегодишно дете

02/01/2026  21:34

Семејството Аслани обвинува за полициска бруталност по смртта на нивното двегодишно дете, кое почина ноќта меѓу 31 декември и 1 јануари во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, по тешка повреда на главата од метален фрагмент. Во повеќе видео-материјали што денеска беа емитувани во живо, членовите на семејството покажаа модрици и други телесни повреди, за кои тврдат дека се последица на физичка сила употребена од полициски службеници. Тие наведуваат дека по трагичниот настан биле изложени на притисоци и грубо постапување.

Таткото на детето, Муше Аслани, изјави дека бил приведен и испрашуван од полицијата под сомнение дека можеби тој му нанел повреди на детето, како и дека при интервенцијата биле малтретирани и други членови на семејството.

„Мене ме малтретираа, не ме оставија да го видам синот. Малку ми ги поткршија рацете, а јас сум опериран на раката, ме оставија на ладно, „не ти е ништо“ ми велеа. Ме прашуваа да не сум му направил нешто“, изјави Аслани. Семејството бара надлежните институции целосно да го испитаат случајот и да ја утврдат одговорноста за постапувањето на полицијата.