Skip to main content
Македонија

Семејствата на жртвите од „Пулс“ против концертот за Петровден – Крстевски откажа, но беше исвиркан

12/07/2025  00:20

Вечерва во Кочани се одржува протест предводен од семејствата на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во март. Учесниците на протестот се противат на одржувањето на концерт во градот, закажан за утре на верскиот празник Петровден, кој традиционално се смета за неофицијален празник на Кочани.

На протестот се појави и вршителот на должноста градоначалник Венко Крстевски, кој пред присутните објави дека Општина Кочани донела одлука да го откаже најавениот музички настан. Но и покрај тоа, беше дочекан со остри реакции – семејствата на жртвите му го свртеа грбот и го исвиркаа, изразувајќи гнев и разочараност.

Подоцна вечерва, Крстевски објави и официјално соопштение на своите канали, во кое ја образложи одлуката:

„Почитувани сограѓани, животот продолжува, но трагедијата во дискотеката „Пулс“ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот.“

Тој додаде дека иако одлуката била донесена по консултации и со добра намера, сепак ја преиспитал „водејќи се од вашите емоции и потребата да се движиме напред“.

Трагедијата во импровизираната дискотека „Пулс“, во која животите ги загубија млади луѓе од Кочани, и понатаму предизвикува длабоки емоции и реакции во јавноста. Петровден годинава доаѓа во сенка на болката, а секоја јавна прослава останува прашање на чувствителен баланс меѓу тагата и потребата за враќање на секојдневието.