Skip to main content
Македонија

Села: Законот за правична застапеност е нетранспарентен и не решава ништо

25/06/2025  16:03

Законот за правична застапеност се носи на еден нетранспарентен начин и таков како што е изготвен не ја уредува застапеноста. Ова го изјави претседателот на крилото на Алијанса за Албанците Зијадин Села, според кого дополнително и тајмингот со кој се носи, пред одржување на локалните избори има единствена цел да се добијат политички поени. Вчерашното триумфално претставување на законот е само театар на премиерот заедно со неговиот декор од заменици премиери, рече Села.

„Ова е законот кој се праќа во Венецијанската комисија за која нема потреба за волја на вистината, но тоа се прави само со цел едните да се фалат дека еве веќе донесоа закон за правична застапеност, другите да добијат време се додека поминат локалните избори. Не треба да се третира правичната застапеност на ваков начин. Ова не е правично, со овој предлог закон не се уредува правичната застапеност.“, изјави Села.

Вицепремиерот Меџити вели дека сегашната опозиција критикува најпрво за балансерот кои го укинаа сами во претходната власт, а сега го критикуваат и законот кој го донесе актуелната Влада. Тој истакна дека откако ќе го помине филтерот на Венецијанската комисија ќе биде доставен во законодавниот дом пред пратениците.

„Ние во оваа Влада го правиме со првата година, затвараме прашања кои требаше да се заврши од 2003 година. Го усвоивме законот за соодветна застапеност кој, кога ќе се врати од Венецијанска комисија ќе има јавна расправа, ќе биде во собраниска постапка, каде секој пратеник може да придонесе законот да биде што подобар пофункционален и така натаму“, вели Меџити.