Skip to main content
Македонија

Села: Јас не знам Таравари во кој дом и која врата ќе не вдоми таму, бидејќи тој дом и таа врата е моја!

27/04/2025  16:25

Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, денеска изјави дека нема право да се меша, исто како и другите лидери на партии од Европскиот фронт, во тоа дали некој претседател на партија ќе оствари средба со друг политички субјект. Тој посочи дека бил информиран за најмалку две или три средби меѓу Арбен Таравари и Али Ахмети, оценувајќи дека во тоа нема ништо спорно. Изјавата ја даде по обраќањето за упадот во Собранието на 27 април.

На прашање за тоа кој ќе биде ставот на партијата и дали е можно коалицирање во рамки на Европскиот фронт, откако минатата година Алијанса за Албанците се подели на два дела, Села вели дека партијата ќе излезе со став кога тоа прашање ќе биде ставено на маса внатре во Европскиот фронт.

Според него, целиот албански политички фактор треба да се обедини, бидејќи, како што рече, политички актери „ни го укинаа правото на правична застапеност и сакаат да ни го укинат правото на јазик“.

Прашан дали е можно повторно обединување на Алијанса за Албанците, по изјавите на Таравари дека „вратата е отворена“, Села децидно вели „не знам во кој дом и која врата ќе не вдоми таму, бидејќи тој дом и таа врата е моја. Тој нема ни дом, ни врата“.

-Јас тешко давам збор и кога носам одлука добро размислувам за тоа. Имаме еден начин на однесување како Албанци, сте слушнале на тој еден стар древен закон за тоа какви се принципите за добро однесување. Јас не знам Таравари во кој дом и која врата ќе не вдоми таму, бидејќи тој дом и таа врата е моја, тој нема ни дом ни врата. Неморално би било пред сите граѓани, не само пред членството на Алијанса за Албанците, да излезам да кажам дека ништо не се случи година дена бевме разделени сега пак ќе се припоиме. Ваквото однесување на политичари кои секој ден менуваат став и лажат, најголемата последица не е тоа што се удира врз Села и АА, туку се удира врз граѓаните, тие почнуваат да се чувствуваат апатично и незаинтересирано за политика, рече Села.

Го повика членството да се врати, бидејќи, според него, партијата треба да продолжи да гради, а не да разделува.