
Вкупно 4,2 милиони луѓе во ЕУ во 2024 година спаѓале во категоријата на „долгорочно невработени“, што значи дека еден од секој трет невработен Европеец е без работа најмалку една година, покажуваат податоците на Европската статистичка служба (Евростат).
За „долгорочно невработени“ се сметаат работоспособните лица на возраст од 15 до 74 години, кои се без работа најмалку 12 месеци во континуитет.
Според Евростат, стапката на долгорочна невработеност во ЕУ во 2024 година изнесувала 1,9 отсто.
Од вкупно 195-те статистички региони на ЕУ за кои има достапни податоци, во 82 е регистрирана стапка на долгорочна невработеност поголема од европскиот просек, во 106 помала, а во седум на ниво на просечната стапка.
Највисоки стапки на долгорочна невработеност се забележани во јужните земји на ЕУ, како и во некои од регионите под управа на европските држави што се наоѓаа надвор од Европа.
Така во шпанските автономни регион во Северна Африка, Мелиља и Сеута, оваа стапка изнесувала 16,3, односно 15,8 проценти, по што следува францускиот карипски остров Гвадалупе со стапка на долгорочна невработеност од 11,4 отсто.
Оваа се и единствените три „европски“ региони со двоцифрена стапка на долгорочна невработеност.
Стапка од најмалку осум отсто е регистрирана во италијанските региони Кампања со 9,9, Калабрија со 8,3 и Сицилија со 8,0 отсто, како и на францускиот остров во Индискиот Океан, Ренион со 8,2 проценти.
Стапка на долгорочна невработеност под еден отсто има во сите региони во Данска и Холандија, на Малта, која се смета како единствен регион, како и во северна Белгија, северозападна Унгарија и во делови на Австрија, Полска и Чешка.
„Европски шампиони“ со најниска стапка на долгорочна невработеност од 0,4 отсто се чешките региони Прага и Средна Чешка и холандските Утрехт и Северен Брабант.

