Skip to main content
Македонија

СЕГА, НМСМ и СМР поднесоа Предлог-закон за измени и дополнување на Законот за младинско учество и младински политики

12/03/2025  08:25

Националните мрежи на младински организации Коалиција на младински организации СЕГА и
Национален младински совет на Македонија и Сојузот за младинска работа, денес го поднесоа
Предлог текст на Закон за измени и дополнувања на Законот за младинско учество и младински
политики до пратениците од Клубот за младински прашања и младински политики во
Собранието на Р. С. Македонија.

Предлог текстот е креиран врз основа на широк консултативен процес за измени и дополнување
на Законот. Во периодот од стапување на сила на Законот, од страна на младинскиот сектор се
спроведени четири мониторинг анализи на имплементацијата и индекс за младинско учество
преку кој се опфатени локалните механизми. Дополнително, во текот на изминатата година беа
реализирани низа алатки за креирање на сеопфатен пакет на измени и дополнувања на законот
вклучувајќи национална анкета, регионални фокус групи, национални конференции и
работилници. Преку овие алатки се овозможи учество на над 1000 млади, 80 младински
организации и организации за млади како и претставници од државните институции, единиците
на локалната самоуправа, локалните младински совети и младински работници.

Како мрежи на младински организации силно веруваме дека со предложените измени на
Законот за младинско учество и младински политики значително ќе се подобри примената на
механизмите за младинско учество како и младинските сервиси кои Законот ги предвидува. Со
предложените измени ќе се зајакне функцијата на службениците за млади, ќе се поедностави
процесот за воспоставување на локалните младински совети и националното советодавно тело,
и ќе се даде фокус на воспоставување на функционални младински центри.

Ги повикуваме пратениците кои се дел од Клубот за младински прашања и младински политики
да отпочнат итна постапка за измени и дополнување на Законот за младинско учество и
младински политики, и да обезбедат транспарентен и сеопфатен процес со вклучување на сите
засегнати страни во согласност со собраниската пракса.

Воедно го повикуваме Министерството за социјална политика, демографија и млади, како
Министерство во чиј ресор спаѓа спроведувањето на Законот за младинско учество и младински
политики, да го поддржи процесот и Нацрт-Законот за измени и дополнување на Законот за
младинско учество и младински политики.