
Две јавни болници во Мадрид, Шпанија ќе примат на лекување седум лица повредени во стратотниот пожар во ноќен клуб во градот Кочани, Северна Македонија, кое се очекува да пристигнат наскоро, објавија дневните шпнаски весници „ABC Madrid“ и „20Minutos“ повикувајќи се на информација потврдена од портпаролот на Владата на Шпанија Мигел Анхел Гарсија Мартин.
Како што наведува „ABC Madrid“, станува збор за болниците во „Ла Паз“ и „Гетафе“ кои ќе ги отворат вратите за овие седум пациенти кои се тешко повредени во пожарот што избувна во Северна Македонија минатата недела.
Од седумте трансфери кои се очекуваат наскоро, пет ќе одат во болницата во „Ла Паз“ и два во болницата „Гетафе“, која е меѓународно признат центар за лекување на изгореници. Пристигнувањето на овие пациенти се очекува набргу, а болниците имаат сè подготвено за нив.
Шпанскиот весник во вчерашното издание меѓу другото наведува и дека бројот на загинати во овој инцидент е над 50, а бројот на повредени надминува 150. Од пламените јазици или чадот загинаа млади луѓе, меѓу кои и 25-годишниот фудбалер Андреј Лазаров. Тој, како и другите, загина обидувајќи се да спаси други луѓе во ноќниот клуб.
Весникот „20Minutos“, наведува дека одделенијата за изгореници во јавните болници во „Ла Паз“ и „Гетафе“ во наредните денови ќе примат седум лица од Северна Македонија кои беа тешко повредени во пожарот што избувна за време на забава во ноќен клуб во североисточниот град Кочани минатиот викенд. Овој трагичен инцидент ги однесе животите на речиси 60 лица, 155 лица беа повредени во различен степен, а доведе до 15 апсења поради неререгуларните услови во ноќниот клуб.