
Седум хрватски навивачи се уапсени поради „нацистички поздрави што ги упатија за време на натпреварот од Лигата на нации меѓу Франција и Хрватска во неделата на „Стад де Франс“, објави во понеделник началникот на париската полиција.
„Безбедносниот систем воспоставен од полицискиот штаб, под моја надлежност, ни овозможи да ја осигуриме безбедноста на навивачите и играчите и да уапсиме седум лица кои изведуваа нацистички поздрави за време на натпреварот“, напиша Лоран Нуњез на социјалните мрежи.
„Спортот е и мора да остане славење. Овие поединци немаат што да бараат во спортската арена“, додаде префектот.
Според полициски извори, десетина хрватски навивачи извеле нацистички поздрави пред почетокот на натпреварот за време на интонирањето на националната химна. Навивачите повторно изведоа нацистички поздрави во текот на првото полувреме, според истиот извор.
На крајот од овој реванш дуел од четвртфиналето на Лигата на нации, кој Франција го доби на пенали и на тој начин се пласираше во полуфиналето, „седум лица беа уапсени и приведени поради извршување на нацистичкиот поздрав“, прецизира полициски извор.
На натпреварот во Сен Дени, северно од Париз, имаше околу 400 хрватски навивачи.
Пред натпреварот, група од околу 300 хрватски навивачи изведуваа нацистички поздрави и палеа димни бомби, упатувајќи се кон тадионот, придружувани од полициски сили, додаде истиот извор. Исто така, кај навивачите биле пронајдени „железни шипки, телескопски палки, остри дрвени стапови и димни бомби“.
По последниот свиреж на судијата, хрватските навивачи мирно се разотидоа, а нивните автобуси „го напуштија местото без инциденти“, според истиот полициски извор.