Skip to main content
Свет

Се запали аеродромот во Милано: патниците бегаат во паника, маж со чекан крши сѐ пред себе

20/08/2025  17:17

Вистинска драма се одвиваше денес на аеродромот во Милано, кога еден маж ги запали шалтерите, а потоа почна да ги брка патниците и со чекан да крши сè што му се најде на патот.

Сè се случило во утринските часови во просторот за пријавување на патници на Терминал 1 на аеродромот Малпенса во Милано, објави Би-Би-Си.

Според сведоците, мажот се појавил во просторот за пријавување со чекан и почнал да ги удира мониторите што прикажувале информации за пристигнување и заминување на летови. Потоа запалил пожар на истото место, во близина на заминувањата, веднаш до портата број 13.

По неколку моменти, бил совладан од обезбедувањето на аеродромот со помош на неколку минувачи, додека другите патници го напуштиле терминалот во паника.

Засега нема извештаи за летови погодени од инцидентот, а терминалот останал отворен во текот на целата интервенција.

На местото на настанот пристигнале и пожарникари, кои го изгаснале пламенот и го проветриле терминалот за да го отстранат чадот. Сè уште не е познато кој е приведениот маж или што го натерало да го стори ова дело.

Според првичните информации, се претпоставува дека станува збор за еден од патниците. Исто така, реагирале и службите за итна медицинска помош, но досега нема пријавени жртви или повредени.

извор Канал 5