Skip to main content
Македонија

Се воведува целосна забрана за движење во шума од 1-ви јули до 31-ви август

26/06/2025  15:35

Од 1 јули до 31 август годинава се воведува целосна забрана за движење во шума и шумско земјиште на територијата со која стопанисува/управува ЈП „Национални шуми”. Забраната, како што информираат се воведува со оглед на зголемената опасност од појава и ширење на пожари на отворен простор за временскиот период во терминот од 00.00 до 24.00 часот. Движењето ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми” -Скопје за подрачјето со кое стопанисуваат управуваат.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како што информираат од ЈП „Национални шуми” – Скопје, денеска согласно член 57, став 3, дало согласност за Целосна забрана за движење во шума и шумско земјиште што ќе стапи во сила од 01.07.2025 и ќе трае до 31.08.2025 година.

За непочитување на оваа забрана на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, се изрекува глоба од 1500 до 2000 евра во денарска противвредност.

Целосната забрана за движење во шума и шумско земјиште не важи за вработените во ЈП „Национални шуми”-Скопје и подружниците, како и за вработените во Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за одбрана, Шумска полиција, Центар за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Државниот инспекторат за шумарство и ловство (ДИШЛ), субјектите што вршат шумскостопански активности сеча, дотур и транспорт на дрво и дрвни сортименти на површините со кои стопанисува ЈП „Национални шуми” – Скопје, припадниците на ловочуварската служба и службени лица од корисниците дивеч во ловиштата кои вршат работи за корисникот на дивеч во ловиштето и на лица кои што имаат писмено одобрение за движење во шумите со кои стопанисува ЈП „Национални шуми” – Скопје.

Забраната ја спроведуваат вработените од ЈП „Национални шуми” кои вршат дејност заштита, Шумска полиција, МВР и ДИШЛ. (МИА)