Skip to main content
Македонија

Се удави 9-годишно девојче со македонско потекло во Италија

30/06/2025  08:52


Тешка трагедија се случила вчера попладне во Италија, кога 9-годишно девојче со македонско потекло го загубило животот во водите на реката Пјаве. Несреќата се случила околу 16 часот во Сан Џакомо ди Педероба, во близина на Тревизо, пренесува италијанскиот весник „Ла Трибуна ди Тревизо”.

Според информациите, девојчето по име Адна Ислам, живеело со своето семејство во Кавасо дел Томба. Таа била на попладневен одмор покрај реката заедно со родителите Ихмет и Наила, како и со помалите брат и сестра. Додека си играла на камењата со други деца, малата Адна се лизнала и паднала во реката, по што веднаш исчезнала, однесена од силната водена струја.

На местото на трагедијата веднаш реагирале екипи на пожарникари, карабинери и нуркачи. По интензивна потрага, телото на девојчето било пронајдено околу 18:30 часот, заглавено меѓу камења во реката.

Локалните власти и заедницата се длабоко потресени од несреќата. Градоначалникот и неговата заменичка изразиле искрено сочувство до семејството и истакнале дека се подготвени да помогнат на секој можен начин во овие тешки моменти.

Случајот ја потресе локалната јавност, а се најавуваат дополнителни мерки за безбедност на рекреативните подрачја долж реката Пјаве.