Над 200 земјотреси во изминатите 48 часа биле регистрирани во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос со максимална магнитуда од 4,5 степени, а по новиот состанок во Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција беа донесени превентивни мерки за граѓаните, меѓу кои и одлука училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи утре да останат затворени, јави дописничката на МИА од Атина.
Претпладнево меѓу серијата земјотреси беа регистрирани и три со јачина од 4,5, 4,3 и 4,1 степени, грчките сеизмолози смируваат дека земјотресите на Санторини не се поврзани со вулканската активност на островот, додека премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис за вечерва закажа состанок за земјотресите.
Поради зголемената сеизмичката активност во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос, денеска се одржа нов состанок, втор за помалку од 24 часа на Комисијата за процена на сеизмичката опасност и Комисијата за следење на вулкански активности при Министерството за цивилна заштита и климатски кризи и откако ги разгледале податоците донеле неколку препораки и превентивни мерки.
Поконкретно, како што соопштија од Министерството, членовите на комисиите одлучиле училиштата на четири острови утре да останат затворени, а на граѓаните им препорачуваат да избегнуваат големи собири во затворени простори; да избегнуваат напуштени објекти; да избегнуваат пристап и престој во четирите пристаништа на Санторини; да ги отстранат опасните непотребни предмети на објектите и да ја испразнат водата од базените; да изберат безбедни рути при движењето по градските и локалните патни мрежа, особено на места каде што е веројатно да се појават одрони и итно да се евакуираат крајбрежните области во случај на силен земјотрес.
Дополнително, откако комисиите ги разгледале досегашните податоци едногласно констатирале дека „сеизмичката активност во калдерата е намалена“, дека „сеизмичката серија и понатаму е зголемена во последните 48 часа со над 200 земјотреси во делот меѓу Санторини и Аморгос (земјотреси со максимална магнитуда од 4,5 степени)“, но и дека тековната сеизмичка активност во конкретната област „се должи на подморски раседи со североисточен и југозападен правец и не е поврзана со вулканска активност“.
Од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција, соопштија дека надлежните комисии утре напладне ќе одржат нов состанок.
Паралелно, грчкиот премиер за 19 часот по локално време закажа состанок во Премиерската палата.