Skip to main content
Македонија

Се огласи мајката на Вања: Ниту еден родител не смее да го доживее тоа што јас го доживеав

11/06/2025  12:54

Зорица Ѓорчевска, мајката на Вања, преку својот адвокат до Судот досави емотивно писмо во кое ја сподели неизмерната болка.

-Спушнавме различни теории на заговор, политички прогони, местенки, многу приговори, но за жал еден факт останува непобитен – Вања ја нема, стои меѓудругото во писмото.

Писмото во целост:

-Се обраќам до судот, не како мајка туку и како човек кој живее со најтешка и необјаснива болка. Скоро цела година целата јавност внимателно го следи овој макотрпен судски процес. Сите обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина за делата што им се ставаат на товар. Во текот на процесот беа презентирани низа материјални докази и сведоштва, секојдневно и насекаде слушаме различни теории на заговор, одбрани базирани на наводни политички прогони, местенки, безбројни приговори. Но, за жал еден факт останува непобитен, Вања ја нема. Ја киднапирале и ја однеле, ја убиле безмилосно на најбрутален начин, детето мое. Кога ќе слушневме за некој немил настан во светот, на двете мои ќерки им велев дека вакви работи кај нас во Македонија не се случуваат, далечни ми беа. Но, се случи и тоа токму мене на моето најмило и не смее да се повтори. Ниту еден родител не смее да го доживее тоа што јас го доживеав. Да го испрати детето во училиште и по една недела да го најде во мртовечки сандак. Вања не е само број на жртва, Вања беше живот, со очи, со глас, со планови. Таа беше ќерка, сестра, внука, братучетка, другарка. Имаше 14 години и како секоја деветто одделенка се радуваше на долгоочекуваната полуматура. Правеше планови за зимнување и летување со другарчињата од одделението и подготвувајќи се за новите предизвици со кои требаше да се соочи. Вања сакаше да гледа стари филмови од 70-тите и 80-тите ги знаеше знамињата и главните градови буквално на сите држави во светот. Кога ќе ја заинтересираше некоја тема ја проучуваше детално, наоѓајќи одговор за секое прашање. Ја сакаше историјата. Секое утро со музика се подготвуваше за на училиште и тоа утро последното утро стана си ја пушти омилената песна и потпевнувајќи се подготви за училиште. Ја испратив до врата и ѝ реков „Се слушаме мама подоцна“. Тоа беше последен пат да ја видам. Вања не ја дочека полуматурата, не ги дочека ниту патувањата со соучениците не дочека ниту да ги искуси предизвиците, стои во писмото.

Сепак, Судот не дозволи да се дочита писмото, со образложение дека „истото не се однесува на околностите на кои што оштетение имаат право, а тоа се имотно правното побарување и кривичниот прогон“.