Skip to main content
Македонија

Се мери статиката на мостовите на Брегалница и Отиња во Штип

22/02/2026  17:18

Екипи на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИС)-Скопје ја мерат статитката на мостовите на реките Брегалница и Отиња во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека се прават детални испитувања на конструкциите на мостовите, со цел да се утврди нивната стабилност и носивост. 

-На територијата на  Штип имаме мостови кои се изградени пред педесет години и е потребно соодветно испитување. Имаме веќе склучено јавна набавка со ИЗИС за испитување на статиката на овие мостови и врз основа на овие испитувања ќе бидат преземени сите основни чекори кои како локална самоуправа имаме одговорност да ги преземеме. Мерењата треба да завршат на крајот на месецов – вели Јорданов. 

Тој посочува дека Општината побарала од ИЗИС детални испитувања особено на мостовите на река Брегалница.

-Водостојот на река Брегалница, се менува и сето тоа влијае на статиката на овие мостови. Јас верувам дека по анализите и истражувањата ќе бидат преземени сите мерки. Тоа не значи дека треба да владее паника меѓу населението. Ова го правиме превентивно како една одговорна локална власт, пред се мислам за мостовите на река Брегалница каде има поголема носивост. Доколку се констатира одредени проблеми или опасност, ќе бидат преземени соодветни мерки, односно измена на сообраќаен режим во однос на статиката на мостовите – рече Јорданов. 

Тој додава дека по завршување на анализите од страна на ИЗИС, Општината ќе изврши и интервенции на мостовите на реките Брегалница и Отиња, а предвидено е на нив да се постави и ново осветлување, за кое Јорданов вели дека ќе ја зголеми безбедноста за граѓаните и ќе им даде поатрактивен изглед на мостовите. Инаку планинара е изградба на два нови мостови на реката Брегалница, во близина на бањата Кежовица и меѓу населбите Баби и Балканска.