
Во собраниска процедура се наоѓаат предлог измените и дополнувањата на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи.

Овие измени покренаа лавина реакции од стручната јавност и полициските синдикати, имајќи предвид дека одредени предлог законски решенија наместо да ја уанпредуваат, ја уназадуваат работата на полицијата.
Согласно сегашното законско решение максималната возрасна граница за вработување во полиција е 25 години старост, а со предлог измените на Законот за полиција таа се зголемува на 30 години.
Не се знае дали мотив за ваквите измени е слабиот интерес кај граѓаните за вработување во полицијата, но во реалноста, тоа ќе значи дека ќе се зголеми просечната возраст на македонската полиција.
Понатаму, со измените на член 32 од Законот за внатрешни работи, се укинуваат позициите заменик началник, заменик командир итн, со што се кратат веќепостоечки работни места.
Тоа ќе значи деградирање на сегашните заменици и сериозно намалување на нивните месечни примања, па оттаму не е исклучено овие лица правдата да ја бараат преку тужби до соодветните судови.
Со измените на Законот за полиција, се укинуваат Регионалните центри за гранични работи и се припојуваат кон Секторите за внатрешни работи.
Тоа, според експертите и полициските синдикалци е спротивно на европските стандарди за контрола на границите.
Предлог измените на законите се на дневен ред на иста седница на која ќе се расправа за интерпелација на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Постојниот Закон за внатрешни работи беше донесен пред неколку години во соработка со претставници од ЕУ и ОБСЕ.