
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со економскиот раст на државата во првиот квартал, изјави:

„Што се однесува околу проекциите за економскиот раст, ние и со Министерството за финансии сме на истиот став на она на коешто е предвидено, работиме силно на таа тема. Добри се резултатите во рамките на Адрија-регионот, конечно, после години стагнација и цврсто заковани на дното, сега сме први. За многу кратко време се консолидираат работите. Позади нас се Хрватска со 2,9%, Босна и Херцеговина, Црна Гора па сè до Словенија, којашто има минусно салдо на растот од-0,7%. Се надевам дека и во вториот квартал така ќе продолжи, барем првите индикатори од април и делумно од мај се во таа насока. Така што, тоа би претставувало еден добар тренд, и тоа значи дека конечно се консолидираме. Конечно, од тврдо заковани на дното последниве седум години, одиме кон врвот.”