
Весна Доревска, Владимир Наумоски, Антонио Санев, Бранко Смилевски и Валентина Тодоровска денеска беа интервјуирани во Комисијата за избори и именувања во процесот за избор на нов преседател на ДКСК, откако претходната прва антикорупционерка Татјана Димитровска си поднесе оставка, поради сомнение за вмешаност во случајот „Адитив“.
Доревска, Наумоски, Санев, Смилевски и Тодоровска се пет од вкупно десетте кандидати, кои претходно го минаа филтерот на Комисијата за селекција на кандидати. Останатите петмина Ненад Трифуновски, Благица Трошанска, Кимо Чавдар, Адем Чучуљ, Феузи Џафери ќе бидат интервјуирани утре.
За позицијата се пријавија вкупно 13 кандидати, а постапката за избор на претседател на ДКСК продолжува по завршувањето на Локалните избори,
Весна Доревска е дипломиран правник, која беше помошник-министер за правни работи во Министерството за внатрешни работи.
Владимир Наумоски е дипломиран правник, со положен правосуден испит и магистер по деловно право, член на Комисијата за заштита од конкуренција.
Антонио Санев е дипломиран правник и магистер по меѓународно право, а тој е и поранешен началник во Министерството за внатрешни работи,
Бранко Смилевски е дипломиран економист, магистер на науки за антикорупција, кој е актуелен помошник на главниот ревизор.
Валентина Тодоровска е адвокат, дипломиран правник со положен правосуден испит.
Ненад Трифуновски е адвокат, дипломиран правник со положен правосуден испит.
Благица Трошанска е магистер на политички науки, актуелна раководителка на сектор во Министерството за одбрана.
Кимо Чавдар е дипломиран правник со положен правосуден испит и доктор на политички науки.
Адем Чучуљ е дипломиран правник, кој е и актуелен генерален секретар на ДКСК.
Феузи Џафери е дипломиран правник со положен правосуден испит и магистер по дипломатија, кој се кандидираше и за Народен правобранител, но не беше избран.
На првиот ден од интервјуата немаше директен пренос на сајтот на Собранието, а според собраниски извори снимката од интервјуата ќе биде објавена подоцна во текот на денот.
Ставот 11 од членот 12 од Законот за спречување корупција и судир на интереси гласи: „Во рок од пет дена од објавувањето на листата од ставот (6) на овој член, се организира интервју на кандидатите кои ги исполнуваат условите од членот 11 на овој закон (во натамошниот текст: интервјуто) кое се емитува на Собранискиот канал. Доколку некој од кандидатите не дојде на интервјуто, се смета дека ја повлекол пријавата за претседател или член на Државната комисија.“
