Skip to main content
Хроника

Се бара притвор за татко и две ќерки од Кривопаланечко поради спречување службени лица во извршување должност

03/12/2025  16:51

Основното јавно обвинителство Крива Паланка поведе постапка против три лица – татко и неговите две ќерки – осомничени дека со употреба на сила и закани спречиле службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), кои биле придружувани од полициска асистенција, да извршат одземање домашни животни или крупен добиток.

Од Обвинителството информираат дека тројцата се товарат за кривичното дело спречување службено лице во вршење службено дејствие. Според надлежните, при извршувањето на службените активности, осомничените им се спротивставиле на инспекторите и полициските службеници, оневозможувајќи го спроведувањето на мерките предвидени со закон.

Јавниот обвинител до судот поднел предлог за определување мерка притвор за сите осомничени, имајќи ја предвид опасноста од нивно бегство, но и можноста за повторување на делото.

Во описот на случајот, Обвинителството наведува дека однесувањето на таткото и неговите две ќерки претставува континуитет на проблеми кои подолг временски период ги трпат месното население и соседите. И покрај претходните интервенции на повеќе надлежни институции, како што велат од ОЈО, осомничените продолжиле со нарушување на јавниот ред и мир и сега започнале со активни дејствија на спречување службени лица од АХВ и полициските органи при извршување на нивните законски надлежности.