Skip to main content
Uncategorized

Хоџа: Рамномерен развој преку зелени проекти – Долнени добива нова инфраструктура

03/04/2026  17:46

Долнени, 03.04.2026 Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, заедно со заменик министерката за транспорт и врски Калтрина Зеколи – Шаќири, денеска оствари работна посета на општина Долнени каде изврши увид во тековните проекти за подобрување на комуналната инфраструктура и заштита на животната средина.

При посетата беше истакнато дека во тек е реконструкција и регулација на речното корито во Дереште, инвестиција вредна 11,8 милиони денари обезбедена преку „Унгарскиот кредит“, од кои Министерството директно учествува со речиси 5,8 милиони денари.  Овој проект е од клучно значење за заштита на локалното население, со што се потврдува заложбата за рамномерен регионален развој и поддршка на помалите општини кои во минатото биле занемарени.

Паралелно, во општината се одвива и изградбата на доводниот цевковод од регионалниот систем „Студенчица” кон повеќе населени места – Црнилиште, Слепче, Браилово и Десово конечно ќе добијат сигурно и квалитетно снабдување со чиста вода.

Во рамки на посетата, посебен акцент беше ставен на управувањето со отпад. Веќе се испорачани 2.000 канти и 50 контејнери, а до октомври 2026 година следи доставата на специјализирани возила. Ова е еден од првите чекори кон создавање современ и одржлив систем, бидејќи општина Долнени е вклучена во регионалниот центар за управување со отпад во Новаци – еден од трите вакви центри кои се воспоставуваат во земјата.

Министерот Хоџа потенцираше дека продолжува соработката со меѓународни партнери, меѓу кои и Европската инвестициска банка, со цел да се обезбедат долгорочни решенија во управувањето со водите и справувањето со климатските предизвици.

„Продолжуваме да работиме со засилено темпо и инвестираме таму каде што е најпотребно-зашто само така е можен зелениот пресврт кој го посакуваме”, изјави министерот Хоџа.