Skip to main content
Македонија

СДСМ: За една година ВМРО-ДПМНЕ и Јаневска направија хаос во образованието

29/06/2025  15:30

Прес-конференција, Јованче Манасков, претседател на Комисија за образование и наука на СДСМ

Почитувани,

По само една година владеење на ДПМНЕ и нивната министерка Весна Јаневска образованието е на работ на целосен колапс.

Наставниците се понижени, нивниот труд е згазен, учениците се збунети, наставните концепции несоодветни, образовниот систем девалвиран.

Класична импровизација врз грбот на наставниот кадар, учениците и студентите.

Со образовен речник кажано, Јаневска и ВМРО-ДПМНЕ заслужуваат недоволен (1).

Министерката Јаневска постојано ги навредува наставниците и учениците. 

Наставниците се темел на образовниот процес, а денес се демотивирани, економски притиснати и професионално деградирани.

Ја доведува во прашање и нивната стручност, тврдејќи дека не знаат да оценуваат, и дури најавува дека ќе им го одземе правото на Наставничките совети да го утврдуваат успехот на учениците, што е спротивно на законот. 

Последен во низата скандали се изнесените „факти” за квалификациското тестирање во Гимназијата Георги Димитров во Скопје и наводните „лажни петки”. Министерката не само што излажа, ги доведе во прашање трудот и знаењето на учениците, туку и ја дискредитираше стручноста на наставниците и кредибилитетот на целиот образовен систем. 

Официјалните податоци од училиштето покажуваат дека се работи за сосема различен контекст – и дека никој не е „паднат” на овој испит. 

Се спроведува целосно погрешна и спорна Концепција за гимназиско образование, со која се укинуваат предметите етика, логика и педагогија, а филозофија и социологија се сведуваат на изборни предмети. 

Со право академската заедница бурно реагираше. Универзитетски професори, научници и наставници предупредуваат – се укинува критичкото мислење, се маргинализираат хуманистичките науки и се девалвира основната идеја за гимназиско образование.

Училиштата се целосно деградирани. Инспекторите од Државниот просветен инспекторат се понижувани и прикажувани во јавноста како криминалци, а инспекциските надзори се диригирани политички. 

Со новиот Правилник, кој е спротивен на Законот, министерката не им овозможува коректни услови за работа што значи дека девалвира контролата врз образовниот процес. Замислете, министерката одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, изјави дека намерно не им ги исплаќа трошоците поврзани со нивните работни задачи.

Понатаму, со последните измени, станавме сведоци на отворена дискриминација врз педагозите кои со години активно учествувале во наставниот процес. Со обидот тие да се ограничат и да работат само до трето одделение, директно се поткопува нивната професионална улога и се внесе немир кај родителите. 

За ова реагираа и граѓански организации, и експерти од областа на образованието, алармирајќи дека станува збор за системска дискриминација која не само што ги понижува овие професионалци, туку и ја загрозува стабилноста на наставниот процес и психо-емоционалниот развој на децата.  

Сега е на удар средното стручно образование. Со последниот подзаконски акт, во неповолна положба се ставаат наставниците кои реализираат практична настава и учење преку работа. За ова реагираше и Независниот синдикат за образование и наука.

Ова не е реформа – ова е хаос и уривање на системот.

Новиот Правилник за образовни асистенти, донесен на 16 јуни годинава, сериозно загрижува поради тоа што се дозволува вработување на лица без никаква педагошка – психолошка и методска подготовка – само со кратка обука. 

Ова е директна девалвација на оваа чувствителна и важна професија. Образовниот асистент не е „придружник” туку стручна поддршка за децата со попреченост, и мора да има соодветна академска подготовка. Ваквите одлуки се непромислени, нестручни и дискриминаторски.

Дополнително, министерката:

донесува закони без јавна дебата и без вклучување на засегнатите страни;

лицитира со бројки колку наставници ќе останат без работа, без понудени решенија;

трансформира работни односи по партиски клуч;

дава незаконски насоки за пополнување на Главната книга, што е документ од трајна вредност, со допис без потпис, печат и архивски број.

Наместо квалитет, хаос. Наместо реформи, притисок и незнаење. Оваа образовна политика не заслужува пофалба – туку итна интервенција и одговорност.