Skip to main content
Македонија

СДСМ: Време е за оставки – Мицкоски, Тошковски и Јанев да сносат одговорност за Кочани

12/06/2025  22:05

СДСМ ја поздрави акцијата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, при која се лишени од слобода неколку полицајци и полициски функционери кои биле на смена за време на трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на 16 март.

Од партијата обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ, како и министерот Панче Тошковски и лидерот Христијан Мицкоски, цели четири месеци се обидувале да ја прикријат вината на вмешаните полициски службеници. СДСМ тврди дека прикривањето на одговорноста и негирањето на вината укажуваат дека „сите биле вмешани или знаеле за нелегалното работење на Пулс и тоа го одобрувале“.

„Се покажа дека без силен притисок од јавноста, од дел од медиумите и од СДСМ, нема да имаше ниту правда, ниту акција. Вистината што цела недела ја објавуваме се потврди – време е за одговорност, време е за оставки“, се наведува во соопштението.

СДСМ бара оставки не само од Тошковски, туку и од директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев. Одговорност, велат од опозициската партија, мора да има за сите кои се обиделе да ја попречат истрагата или да ги заштитат виновните.