Skip to main content
Македонија

СДСМ: Скандалозно е што Мицкоски го штити Изет Меџити при јасни докази

25/02/2025  14:44

„Скандалозно и истовремено комично е што Мицкоски за „пет минути“ ги проверил доказите кои СДСМ ги достави за Изет Меџити. Повеќе од јасно е дека тој го штити Меџити и се прави слеп на докази кои се јасно потврдени од институциите на државата“, вели СДСМ и додава:

Со ова јасно се потврдува дека Мицкоски е заложник на Изет Меџити и неговите политики. Прво криеше дека Меџити има планирано 3.000 партиски вработувања додека списоците за вработувањата веќе на големо се споделуваат по социјалните мрежи. Сега го крие и штити за скандал и прекршување кое го потврдил со документи Државниот управен инспекторат.

Мицкоски, кој тврдеше дека ќе бара одговорност од секој функционер кој се огрешил, денеска по кој знае кој пат си го погази ова ветување. СДСМ му даде шанса да докаже на дело дека се залага за владеење на правото и почитување на процедурите и да побара одговорност од Изет Меџити, но тој реши да го штити. Со што го задолжил Меџити Мицкоски за вака да се брука? При јасни докази наведени од Државниот управен инспекторат Мицкоски се прави слеп.

Непобитен факт докажан од државна институција е дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети надвор од своите надлежности. Повеќе од јасно е дека со ова сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните кои побаруваат дозволи и лиценци од министерството кое го води.

СДСМ бара ДКСК да поведе постапка и ќе ја достави целата документација. СДСМ бара обвинителството да постапи по допрен глас итно и неодложно за овој голем скандал.