Skip to main content
Македонија

СДСМ: Се случува организирано прикривање на одговорните во Кочани

05/06/2025  09:55

Соопштение на СДСМ:

За најголемата несреќа во поновата историја на нашата држава, на семејстата, жртвите, на граѓаните, државата им ја должи целосната вистина, им должи правда и одговорност на виновниците.

Од прв до последен.

Но, наместо истрага која ќе ги опфати сите актуелни функционери и полициски службеници, наместо правда – гледаме селективност и заштита на виновниците. 

Наместо институционално расчистување – се случува организирано прикривање од страна на власта на ВМРО-ДПМНЕ.

Од што се плаши власта, од што се плаши премиерот Христијан Мицкоски?

Дали главната причина е дека одговорноста води директно до врвот на власта?

Како е можно да нема одговорност кај полициските службеници кои на денот на пожарот биле на позиции и биле задолжени за безбедноста и одговорни за постапувањето на полицијата?

Како е можно надлежните да не одговараат за катастрофалниот пропуст на полицијата кој доведе до ситуација во која 62 деца го загубија својот живот, а 200 да бидат повредени?

Дали ВМРО-ДПМНЕ е над сите закони во земјава?

Тоа што се партиски членови и блиски до ВМРО-ДПМНЕ или тоа што се блиски до Мицкоски и Тошковски  е причината?

СДСМ нема да дозволи трагедијата во Кочани да биде заташкана. Ќе се бориме сè додека не бидат изведени пред лицето на правдата сите одговорни.

За загинатите деца, за нивните семејства и за иднината на оваа држава – мора да има правда за Кочани.