
И после 5 месеци од распишаниот јавен повик за доделување средства од општинскиот буџет за финансирање на спортски клубови, здруженија и фондации, Општина Прилеп сѐ уште нема извршено распределба на парите, обвини Душко Стојсављевиќ, член на Комисијата за спорт на СДСМ.
„Градоначалникот Јовчески и мнозинството во Советот предводено од ДПМНЕ останаа „глуви“ на апелот на здруженијата и клубовите за распределба на средствата на почетокот на годината. На најголемиот дел од нив, особено на спортистите и спортските клубови, парите им се потребни на стартот на натпреварувачката сезона, со цел да ги подмират основните трошоци за натпреварите на кои учествуваат“, рече тој.
Но и покрај историски највисокиот општински буџет „тежок“ 34 милиони евра, додаде Стојсављевиќ, наспроти симболичната сума од 100 илјади евра колку што Општина Прилеп издвојува за околу 200 здруженија и спортски клубови, тие до ден денес останаа со празни раце.
„Освен ненавремената исплата на финансиските средства, понижувачка е и сумата со која Општина Прилеп ги помага граѓанските здруженија и спортисти. Колку за споредба: соседната Општина Кавадарци со вкупно 35.000 жители, само за спортските клубови годишно издвојува 600.000 евра. Општина Прилеп, пак, со двојно повеќе жители, за прилепските спортисти и клубови одделува мизерни 65.000 евра, или 9 пати помалку од Кавадарци. Покрај наведените аргументи, постојат уште десетици други причини поради кои ДПМНЕ и Борче Јовчески го заслужија епитетот “гробари“ на прилепскиот спорт“, рече тој.