Skip to main content
Скопје

СДСМ: Опасни идеи, Орце сака да ја бетонира културата во Скопје, наместо да ја чува

12/10/2025  12:14

Орце Ѓорѓиевски повторно ја покажа својата „креативност”, овој пат со ветувања кои повеќе личат на сценарио од лош македонски ситком отколку на реална програма за култура.

Откако го најави “мега” проектот градски воз од Драчево до центарот на Скопје, сега Орце реши да го претвори Аквадуктот во концертна сцена и Калето во забавен парк. Очигледно, единственото што недостига во неговата визија е лунапарк на Водно и аквариум во Вардар. 

Но, лошите шеги на Орце и ваквите изјави не се смешни, туку опасни и треба сите да нѐ загрижуваат. 

Аквадуктот не е сцена, ниту е парк за фестивали. Тоа е заштитено културно наследство од највисока категорија, кое бара конзервација и стручна грижа, а не бетон, звучници и пластични столчиња.

Калето не е простор за политички експерименти, туку симбол на Скопје и клучен дел од идентитетот на градот.

Орце Ѓорѓиевски очигледно не разбира дека културата не е маркетинг, а културното наследството не е терен за некоја градежна фирма блиска до “твојот човек” Орце. 

Со своите нереални и комични планови, Ѓорѓиевски веќе го потроши буџетот на Град Скопје уште во кампањата, а заборави на најголемиот проект кој треба да го реализира, а тоа е Скопје 2028 – Европска престолнина на културата. Престижна титула која Скопје ја  доби како резултат на заложбата на раководството на Град Скопје и Владата на СДСМ, за која Орце очигледно нема програма ниту план како ќе ја реализира, па затоа ја нема во неговите апсурдни изјави и не е дел од неговата “културна револуција”. 

Скопје според него ќе биде град на фестивали, но без институции, без уметници и без почит кон културното ткиво што го држи овој град жив.

Кога и да е ВМРО-ДПМНЕ на власт, културата е сведена на партиски протокол и кич.

Замолчени и обесправени културни работници, институциите се заглавени во долгови, а културното наследство е уништено или запуштено. Денес, истите тие луѓе зборуваат за „културна револуција”. Единствената револуција што ја направија е револуцијата за партизирана култура и споменици што чинат повеќе од цели културни институции, болници и училишта. 

Иронијата е голема кога партијата што ја урна културната инфраструктура сега зборува за нејзина обнова. Партијата што го понижи и избриша уметникот, сега сака да биде негов мецена.

Орце зборува за „град со душа”, а не разбира дека душата на еден град не се мери со метри мурали и број на фестивали и споменици, туку со знаење, визија и дела. А за вашата визија и дела и ден денес сведочи Скопје 2014, криминал вреден 700 милиони евра, пари на граѓаните за стиропор што се рони, одлепени фасади, објекти и нефункционални фонтани. 

Скопје не заслужува авантуристи како Орце, со празни фрази и туристички планови за култура.

Скопје заслужува луѓе што знаат што значи да се зачува, развива и почитува културното наследство и што значи да се цени уметникот и културниот работник – она што СДСМ го правеше системски, со план и одговорност.