Skip to main content
Македонија

СДСМ: ОЈО да отвори постапка, РЕК Битола е во колапс поради криминалните зделки на ВМРО ДПМНЕ

21/06/2025  16:12

Прес конференција на Методија Илиевски – потпретседател на СДСМ:

Почитувани граѓани, почитувани медиуми,

РЕК Битола веќе неколку дена е во колапс заради криминалните зделки и тендери на ВМРО-ДПМНЕ. Она што се случува во РЕК Битола не е никаква саботажа, туку корупција од епски размер и местење на тендери за неспособни партиски фирми. Тоа е саботажа врз државата и системот од страна на ДПМНЕ.

Суштината на скандалот е следна, новото раководство на РЕК Битола, поставено од Владата на ВМРО-ДПМНЕ и лично блиско до премиерот Мицкоски, потпишало рамковна спогодба вредна 150 милиони денари за чистење со фантомска фирма без ниту еден вработен. Компанија без техничка опрема, без кадар и без искуство. И како шлаг на тортата – управителот, неофицијално, е молер со кривична историја во Германија.

И како што секогаш бива, се случува хаварија во РЕК Битола, пожар. Блоковите испаѓаат од мрежата а ЕСМ веднаш излегува со термин – „саботажа“.

Но вистинската саботажа е од страна на директорите кои наместо да ангажираат сериозна фирма која може да ги испорача услугите за кои склучила договор од фантастичн 2,5 милиони евра, тие ги тераат работниците сами да чистат. Чистат без соодветна опрема, без опис на работно место, без дополнителен надомест.

Како точно е овој тендер наместен? РЕК распишува оглас со брутално прецизни и тешки услови за понудивачит. Бараат минимум 330 ангажирани работници, тешка механизација, логистика за 24/7 за интервенции. Сето тоа на хартија. Во реалноста – добива компанија која не може да ги исполни ни 1% од тие услови, односно наместо да ги има вработените и опремата, фирмата склучува договор дека ако го добие тендерот, ќе ги обезбеди. Ова е скандал од невидени размери. Нормално, фирмата во меѓувреме не успеала да ги обезбеди потребните капацитети иако договорот е потпишан, па сега самите вработени во РЕК мора да чистат.

Го прашуваме Мицкоски, кој ќе одговара?

Кој ја потпишал оваа рамковна спогодба?

Кој дозволил оваа фирма воопшто да влезе во процедура?

Зошто јавноста е лажена и зошто документите се кријат?

Дали ЕСМ ќе ја активира банкарската гаранција за неспроведените обврски?

Наместо одговорност, гледаме партизација на институции и целосно поигрување со систем кој треба да обезбедува струја за граѓаните. Додека блоковите на РЕК стојат нечисти, струја ќе увезуваме, ќе ја плаќаме поскапо а некој ќе профитира. Повторно истите – блиски до Мицкоски.
Ги повикуваме Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупција, Државниот завод за ревизија – веднаш да отворат постапка.

СДСМ секој ден ќе бара одговорност за овој скандал.