Skip to main content
Македонија

СДСМ објави документи за скандалот на Меџити: Злоупотреби и сомнежи за корупција

24/02/2025  13:06

Интегрален текст од прес-конференција на Мартин Костовски, организационен секретар на СДСМ:

Почитувани,

Денеска пред јавноста ги објавуваме доказите кои потврдуваат дека вицепремиерот Изет Меџити незаконски ги заобиколувал институционалните процедури, со цел лично да одлучува кои документи и предмети ќе бидат одобрени или стопирани.

Документите кои до нас ги доставија свиркачи, а кои ги презентираме денес, покажуваат дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети, без законска основа и без почитување на процедурата за административно постапување.

Со тоа, Изет Меџити не само што вршел злоупотреба на позицијата, туку се отвора и сериозно сомневање дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните.

Поради оваа груба злоупотреба, Државниот управен инспекторат со Решение Бр. 11-1653/2024 од 17.01.2025 година официјално ги одзел ингеренциите на Меџити во делот на потпишувањето на административни документи. Со ова решение јасно се потврдува дека незаконските постапки на Меџити биле детектирани и санкционирани.

Ова не е прв скандал во кој Меџити е вмешан. Најпрво, јавноста беше сведок на неговите партиски вработувања, а сега гледаме дека истиот човек, спротивно на законот, создал сопствен систем за потпис и одлучување, што отвора сомнежи за корупција и мито.

Јавно го прашуваме Христијан Мицкоски: до кога ќе го штити Изет Меџити? Дали Меџити ќе го доживее истото сценарио како Артан Груби, кој по бројните злоупотреби избега од правдата токму со аминување на ВМРО-ДПМНЕ?

Очекуваме Мицкоски јавно да им се извини на граѓаните за ваквите постапки на својот најблизок соработник и конечно да го разреши од функцијата.

СДСМ ја повикува Државната комисија за спречување на корупција и Јавното обвинителство веднаш да отворат истрага и да постапат во согласност со законот.

Почитувани граѓани, зад наводниот патриотизам на Мицкоски и ДПМНЕ се крие груба корупција и манипулација со државните институции. Време е да се стави крај на оваа злоупотреба.