Skip to main content
Економија

СДСМ: Нема плата за Велигден за културните работници

17/04/2025  17:53

Соопштение на СДСМ:

Денес е 17 април. Два дена после законскиот краен рок за исплата на платата, во Светата седмица, на Велики четврток – симбол на смирение и човечност, само три дена пред големиот христијански празник Велигден, вработените во културата сè уште немаат добиено плата за месец март.

Ова не е само административен пропуст. Ова е директен удар врз достоинството на оние што ја чуваат нашата културна меморија, ја создаваат уметноста и се грижат за духовното богатство на нацијата. Да не се исплати плата навреме – а особено во овие празнични денови кога семејствата се собираат, кога традицијата повикува на трпеза, топлина и заедништво – значи да се покаже рамнодушност кон нивниот труд и живот.

Министерот за култура,Зоран Љутков, потфрли. Потфрли не само како институционален раководител, туку и како човек кој некогаш самиот стоел на сцена и знае што значи љубовта кон културата. Разочарува фактот што токму тој, дојден од светот на уметноста, не покажа ни минимум емпатија и одговорност кон своите колеги – вработените во установите од културата низ целата земја.

Културата не може да биде последна на листата. Луѓето што работат во театарите, музеите, библиотеките, галериите… заслужуваат почит и сигурност, не понижување и несигурност. Оваа ситуација не смее да се повтори.

Време е некој конечно да понесе одговорност.