Skip to main content
Економија

СДСМ: Народот осиромашува, трошоците растат – потребни се мерки, а не игри со бројот на кошнички

22/07/2025  13:18

Прес конференција на Кристина Костова – потпретседателка на СДСМ:

Почитувани,

Граѓаните од месец во месец се посиромашни – трошоците за живот растат, а платите стагнираат.

Според последните податоци, на едно четиричлено семејство во јули му се потребни над 65.000 денари само за основни трошоци. Само за храна, им требаат речиси 24.000 денари. Тоа е повеќе од минималната плата која стои ниско во место, додека цените пробиваат плафон.

За само три месеци, синдикалната кошничка е поскапа за 2.637 денари. Годишната инфлација достигна 4,5%.

Ова не се бројки на „четврта економија”, туку алармантни податоци за економија во колапс. Јасен, недвосмислен доказ за целосниот дебакл на економските политики на Владата на Христијан Мицкоски.

И во вакви услови, додека народот не знае што ќе стави на трпеза, наместо да преземе мерки, Мицкоски прави весела математика со „пет типови синдикални кошнички”.

Фактот дека народот нема пари не може да се сокрие со инженеринг во бројот на кошнички.

Владата на Мицкоски и ДПМНЕ мислат дека ќе го заташкаат осиромашувањето на народот. Тие се целосно одлепени од реалноста и јасно потврдуваат дека немаат намера да преземат никакви мерки за да им помогнат на граѓаните.

Додека кошничката на Владата е полна со скапи деликатеси, папаја, манго и аспарагус, луѓето немаат ниту за основни потреби.

Инфлацијата го јаде семејниот буџет, а Владата ништо не презема.

Кога станува збор за функционерите, има пари, а за народот нема. Македонија е на дното по животен стандард во Европа.

Почитувани,

Време е Владата да престане со ПР и калкулации и конечно да ги прифати мерките што СДСМ ги предлага од првиот ден:

– Зголемување на минималната плата на 500 евра;

– Укинување на ДДВ на храна.

Ова се вистински, конкретни чекори што ќе донесат реална помош и ќе го подобрат стандардот на граѓаните.

Сѐ друго е манипулација на сметка на народот кој едвај преживува.

Сиромаштијата не се решава со измислување нови кошнички – туку со одговорна политика и конкретни мерки, ама веднаш.