Skip to main content
Македонија

СДСМ: Наместо неселeктивна правда за Кочани- МВР гони млади за Фејсбук статуси

08/04/2025  11:37

Прес конференција на Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ:

Почитувани граѓани, почитувани медиуми,

Изминува четвртата недела од страшната несреќа во Кочани во која згасна 61 живот а 200 луѓе беа повредени.

Истрагата за најголемата несреќа во поновата македонска историја сè уште не дава одговори на клучните прашања:

Кој е одговорен за пожарот во „Пулс” и за сериозните пропусти на безбедносните институции?

Сè уште нема проширување на истрагата за безбедносните пропусти направени на кобната ноќ – ниту пак на оние што ѝ претходеле.

Ниту еден функционер од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ не е повикан на распит, ниту опфатен со постапка.

Наместо тоа, МВР поднесува кривични пријави против граѓани за објави на Фејсбук кои јавно бараат правда и неселективна истрага.

Дури и на младите кои протестираа во Кочани и го изразуваа својот револт за загубените животи на нивните другари и другарки МВР им поднела кривични пријави.

Не се повикуваат оние кои биле на функции, нема кривични пријави, ама затоа се гонат младите кои пишуваат на Фесјбук и кои бараат одговорност и неселективна правда.

Дали МВР смета дека на овој начин некој треба да биде замолчен?

Слободата на говор не е закана за истрагата. Младите не се непријатели – тие се совеста на ова општество.

СДСМ бара од МВР веднаш да престане со притисоци и гонење на граѓани поради ставови и јавно изразено мислење.

Ги повикуваме и Хелсиншкиот комитет и другите организации за човекови права да реагираат.

Јавноста со право бара одговори за трагедијата и го поставува прашањето – зошто истрагата е селективна и не ги опфаќа сите инволвирани лица и актуелни функционери?

Граѓаните, семејствата на загинатите и целата јавност заслужуваат вистина и правда – не молк и страв.