Skip to main content
Македонија

СДСМ го објави целиот предлог-закон: Еве кои придобивки за семејствата од Кочани беа одбиени од ВМРО-ДПМНЕ

15/05/2025  11:41

СДСМ го објави целиот предлог-закон и придобивките за семејствата кои, како што велат, ВМРО-ДПМНЕ ги одби. Според партијата, законот предвидуваше 80.000 евра надомест за секое семејство на починат во трагедијата – еднократен паричен надомест за душевна болка и нематеријална штета. Се предвидуваше и финансиска поддршка за повредените според степен на инвалидитет– од 1.200.000 до 5.000.000 денари, во зависност од утврдениот степен.

„Покривање на трошоци за лекување – дома и во странство – хируршки интервенции, психолошка рехабилитација, лекови, помагала, сместување и транспорт.

-Образовна поддршка за ученици и студенти– онлајн настава, ослободување од приемни и матурски испити, стипендии до крај на студии

-Платено отсуство за родители на повредени деца – најмалку 6 месеци платено отсуство и можност за продолжување по лекарска препорака

-Скратено работно време за родители до една година – со покривање на придонеси за родителите кои работат во приватниот сектор

-Психосоцијална и правна помош – за повредените и за семејствата на загинатите, најмалку една година

-Домашна нега и поддршка од социјални работници– за лица со инвалидитет стекнат од несреќата

-Државна поддршка за преквалификација и самовработување – за повредени кои не можат да се вратат на претходното работно место

Можност за адаптација на домот и набавка на возило– за лица со траен инвалидитет

-Воспоставување на независна Комисија за проценка и следење– со стручњаци, претставници на институции и членови од семејствата на жртвите

-Законот е применлив и за претходни трагедии со македонски граѓани– Ласкарци (2019), Тетово (2021), „Струма“ во Бугарија (2021)“, информираа од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ го прогласи за популистички за собирање на ситни политички поени. „Предлогот закон е делумно неприменлив, влегува во колизија со сопствените одредби, и се преклопува со постоечки законски права“, рече пратеникот Бране Петрушевски. Дополнително, вели тој, законот експлицитно ги фаворизира настраданите од одредени настани, игнорирајќи други слични трагедии.

-Усвојување на законот е морална и институционална обврска – порача координаторот на СДСМ, Оливер Спасовски. Посочи на делови од законот, со кои е предвидено семејствата на загинатите и повредните да добијат и финансиска поддршка, но и здравствена и психолошка помош.

Владата преку СОЗР обезбеди 30 милиони денари за лекување, транспорт, а потоа со одлука на Влада се доделија еднократни парични средства за семејствата на починатите.

Во трагедијата во дискотеката во Кочани на 16-ти март, загинаа 62 лица, повредени се над 200. Истрагата сè уште е во тек, според најавите ќе трае до половината на јуни. Осомничени се над 60 лица.