Skip to main content
Македонија

СДСМ: Добро е што ВМРО-ДПМНЕ не ги отфрла црвените линии ниту чекорите од планот, историските факти во резолуцијата се точни

26/09/2025  12:00

Соопштение на СДСМ

По објавената Резолуција со црвените линии, добро е што ниедна од партиите, ниту ВМРО-ДПМНЕ, не ги отфрла црвените линии ниту чекорите од планот кој го предложи СДСМ. Во овој контекст, уште еднаш нагласуваме дека самата Резолуција е во заеднички национален и државен интерес, ги содржи сите потребни одредници за заштита на македонскиот јазик, идентитет, историја и култура и предвидува јасни државни позиции и чекори во однос на евроинтегративниот пат.

Што се однесува до коментарите на Мицкоски за „лажни и неточни историски факти”, јасно укажуваме дека такво нешто во Резолуцијата нема. Напротив, во неа се вградени прецизно, фактографски и историски, сите претходни резолуции и историски датуми во прогресот кон Европската унија, и нема ништо непрецизно. Порачуваме дебатата на оваа тема во иднина да продолжи конструктивно – на никој не му оди во прилог да се извртуваат тезите или да се укажува на неточности кои реално не постојат.

СДСМ, како што вчера соопшти и претседателот Филипче, е отворен за сите конструктивни забелешки на партиите и сите политички чинители. Време е конечно да изградиме национален консензус во интерес на сите граѓани и да покажеме зрелост дека партиите може да соработуваат кога се во прашање повисоки цели и иднината на државата. Граѓаните од партиите очекуваат дијалог и соработка кога станува збор за нивната иднина. СДСМ е подготвен на тоа.