
Македонија е понижена, посрамотена и претставена како земја од 19-тиот век пред целиот свет. Резил каков што Македонија нема доживеано во својата 35 годишна независност, приредена од никој друг туку од човекот кој пред само неколку месеци ја убедуваше Македонската јавност дека како министер за спорт ќе ја организира најдобрата Младинска олимпијада во светот, Борко Ристовски, изјави денеска на прес- конференција Панче Милевски – Панта од Комисијата за спорт на СДСМ, што МИА ја пренесува интегрално.

Ако секаде во светот важи максимата „важно е да се учествува на Олимпијада“, во Македонија важи максимата „важно е да се преживее на Олимпијадата“.
Младите спортисти кои своите олимписки кариери ги започнуваат токму од оваа младинска олимпијада, поради катастрофалната организација на настанот се во ризик целосно и прерано да ги завршат своите спортски кариери во Македонија.
Двајца атлетичари од Исланд беа хоспитализирани со скршеници и други повреди откако беа прегазени во Куманово поради необезбедена траса за велосипедски трки. Наместо одговорност, од МВР тврдеа дека атлетичарите се виновни.
Десетина атлетичари добија труење со храна.
Секојдневно колабираат десетици атлетичари поради недостатокот на вода за пиење, нередовниот превоз кој атлетичарите го чекаат и по неколку часа на 43 степени, како и неклиматизираните простории во кои престојуваат.
Најгордата влада ги смести младите олимписки атлетичари во студентски домови во кои нема климатизација, во кои нема функционални тоалети, нема тушеви.
Атлетичарите се принудени да спијат по двајца во ист кревет, а во некои случаи спијат и заедно со тренерите, за што и самите тие сведочеа за медиумите.
Најмалку што може Борко Ристовски да направи е да се сокрие, и да си поднесе неотповиклива оставка од функцијата Министер за спорт. И тоа не само поради дебаклот со младинската олимпијада, туку и поради катастрофалните резултати кои ги имаат сите Македонските спортски федерации на истата оваа Младинска Олимпијада.