
Советот за безбедност на ОН вчера ја одобри резолуцијата за Украина предложена од американската Влада, која содржи повик за брз прекин на војната и во која Русија не е класифицирана како агресор, јави ДПА.
Ова е првпат Советот за безбедност да одобри заедничка резолуција за војната во Украина. За резолуцијата гласаа 10 земји, а пет беа воздржани, со што беше собрано потребното мнозинство.
САД, Русија и Кина гласаа „за“ резолуцијата, а сите пет европски земји во Советот – Велика Британија, Франција, Словенија, Данска и Грција беа воздржани.
Теоретски, Велика Британија и Франција имаат право на вето на резолуциите на Советот за безбедност, но тие не го користат тоа право од 1989 година.
Според меѓународното право, резолуциите на Советот за безбедност на ОН се обврзувачки.
Во одобрениот документ наречен „Пат кон мирот“, Москва не е наречена агресор и нема повик за повлекување на руските сили од Украина. Таа само содржи повик за брз крај на војната.