
Ненад Савески кој е предлог за нов државен јавен обвинител денеска најави дека како приоритет ќе ги постави дигитализацијата, отчетноста и подобрувањето на условите за работа во обвинителството. Во изјава дадена пред денешната собраниска одлука, тој рече дека не смее да има предмети што ќе остануваат „во фиока“ и дека секој случај ќе мора да се работи според закон, рокови и утврдени принципи.
„Она што јас сакам да направам е да гарантирам радикална отчетност и транспарентност, дигитализација, услови за работа за еден обвинител непречено да си ја врши својата работа на еден ефикасен и достоинствен начин. Меѓу останатото и она што често се коментира е да се обезбедат финансиски средства. Иако акцентот се става на платите, платите не се најголемиот проблем туку се условите за работа. Не може со сиромашна институција да се бориш против богати од криминал“, вели во изјава за државната МИА Ненад Савески.
Савески посочи дека првиот чекор би бил да ја согледа состојбата во институцијата и да се воспостави систем преку кој ќе може да се следи работата на обвинителите по предмети. Според него, токму дигитализацијата треба да помогне да се види каде настануваат застои, дали поради недостиг на обвинители, стручни соработници или друг помошен кадар.
Тој рече и дека обвинителството не може ефикасно да се бори против организиран криминал ако самата институција работи со слаби ресурси. Во изјавата нагласи дека платите не се единствениот проблем, туку дека многу поважни се условите за работа, техничката опременост и обезбедувањето доволно финансиски средства за непречено постапување.
