Skip to main content
Магазин

Сашко Коцев и Бојана Нушкова се суперхерои во апокалиптично Скопје – Македонија ќе го добие првиот Sci-fi филм

08/03/2025  08:57

„Инатиум. Ситна светлина надеж во бесконечниот темен универзум. Ова небесно-сино парче скапоцен камен беше причината за мир и благосостојба низ универзумот се до еден ужасен ден. Во сега веќе разрушено Скопје гледаме како вселенскиот брод константно го емитува светлечкиот сноп црвена плазма со цел да ја апсорбира енергијата од јадрото на планетата…“ – Вака звучи краток исечок од сценариото на првиот македонски Sci-fi (научнофантастичен) 30 минутен филм „Инатиум“ во режија на Игор Стојановски.

Се работи за многу динимичен проект со импресивни специјални ефекти, чијашто премиера е најавена за оваа година. Филмот е во изработка на Старфал Филм Академија и Старфал Продукција. Сценариото е напишано од Кристијан Поповски, прв асисент на режија е Бојан Јуруковски, а режисер на сет е Гоце Цветановски.

Филмот ја раскажува вечната Битка помеѓу доброто и злото. Тоа е приказна за истрајноста, одлучноста како и надежта на протагонистите да се спротистават на негативните сили. Во универзум на работ од уништување, древниот кристал Инатиум е клучот за спас.

„’Инатиум’ ги спојува зачудувачките визуелни ефекти со моќна приказна. Од динамичниот дизајн на ликови до сложеното создавање на светот, секој детал е дизајниран за да остави траен впечаток. Нашиот тим од индустриски експерти, поддржан од години практично искуство, го оживеа ова визионерско дело претворајќи ја нашата страст за дигитално филмско творештво во незаборавно патување за публиката“, изјави режисерот Стојановски, кој е и продуцент на филмот.

Главните улоги на суперхерои кои се борат со злото ги играат Сашко Коцев и Бојана Нушкова, за кои Стојановски вели дека одлично ја завршиле својата работа.

„Сашко Коцев, нашиот етаблиран актер со своето искуство и вештина во актерската игра ја доловува приказната на специфичен начин, а талентираната Бојана Нушкова со својот професионален пристап, иако дебитант во улогата на главен актер покажа сериозен актерски потенцијал“, рече Стојановски, откривајќи дека дејствието на филмот се одвива на градскиот плоштад во Скопје, што на оваа дело му дава дополнителна специфичност и чувство на патриотизам и припадност кон родната земја.

Тој говореше и за деталите, чувството да се создаде свет на спектакуларни вонземски бродови, моќни артефакти и незаборавна атмосфера.

„Овој проект ги комбинира најновите технологии со креативна визија, покажувајќи ја нашата способност за реализација на висококвалитетна продукција со холивудски стандард. Преку волшебни визуелни сцени на галактички војни, распаѓање на цивилизации и свети ритуали, „Инатиум“ ја истражува вечната борба помеѓу светлината и темнината. Станува збор за краток филм што ги истакнува нашите врвни вештини во VFX, 3D моделирање, концепт-арт и користење на Unreal Engine“, додава режисерот и продуцент Игор Стојановски.

Уникатните костими на суперхероите во филмот ги изработија Фросина Ангеловска-студио Фран (костим на Бојана) и Бојана Стевковска (костим на Сашко).