
Максимално залагање очекува од своите избраници селекторот на македонската јуниорска кошаркарска репрезентација Горан Самарџиев на Европското првенство за кошаркари до 20 години во Б дивизијата кое в петок почнува во Ерменија.

Македонија е сместена во групата Ц во која за противниците ќе ги има Швајцарија, Австрија, Холандија, Грузија и Данска
„Крајниот дострел ќе го видиме после 20. јули. Ќе одиме од натпревар по натпревар. Најбитно е играчите да даваат максимум за Македонија па што биде, нека биде. Како што кажав и пред тоа, очекувам максимално залагање а каков ќе биде пласманот ќе видиме на крај“, изјави денеска Самарџиев за официјалниот сајт на Македонската кошаркарска федерација.
Прв противник на избраниците на Самарџиев ќе биде Холандија в петок со почеток во 10: 30 часот во спортско-музичкиот комплекс „Карен Демирчиан“ во Ереван,
„Немаме некои информации за Холандија, но секогаш е одлична на првенствата со физички јаки играчи. Чекаме да го објават конечниот состав па ќе ги анализираме играчите, прво поединечно, потоа и тимски. Групата е доста силна, еве на пример Швајцарија У19, е во осумте најдобри на светското првенство за таа возрасна категорија. Наша предност треба да биде колективната игра и секако големата желба за докажување“, оцени Самарџиев.