Skip to main content
Магазин

Салите се полнат „Диџеј Ахмет“ продолжува да го освојува македонскиот публикум

05/10/2025  16:00

Филмот на Георги М. Унковски, „Диџеј Ахмет“, кој на светската премиера во јануари на престижниот фестивал на независен филм „Санденс“ во Јута, САД, освои две награди, учествуваше на повеќе од 30 фестивали и го затвори годинешното издание на фестивалот “Браќа Манаки“, сега ги полни салите на „Синеплекс“ во Скопје и во Битола со убава публика.

Иако годинава не успеа да биде македонски претставник на Оскарите („изгуби“ од „Силјан“ на Тамара Котевска), филмот е препорачлив како приказна која ќе ве насмее, ќе ве расплаче и ќе ве поттикне да размислите за апсурдноста на современиот живот. Конфликтот меѓу технологијата и конзерватизмот, старото и новото, тишината и музиката, се прикажани преку еден необичен симбол – розова овца.

Од првиот кадар, „Диџеј Ахмет“ зборува преку бои, симболи и музика, со одличен кастинг на актери (Ариф Јакуп, Агуш Агушев, Дора Акан Златанова, Аксел Мехмет, Селпин Керим, Атила Клинче, Ердоан Максут…) и со кинематографија како живо платно. Контрастот меѓу генерациите во едно јуручко село е мајсторски прикажан, а приказната ја движи љубовта и слободниот дух на младиот овчар Ахмет.

Ахмет, различен и бунтовен, се вљубува во Аја – девојка од богато семејство која исто така носи музика во своите вени. Нивната љубов е чин на отпор и судир на два света кои не се подложуваат на старите правила. Во центарот на приказната е и розевата овца – симбол на различност и храброст.

Филмот е сниман во текот на 36 дена кон крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш, а дел од сцените се одвивале и во Скопје. Јазикот на филмот е турски и македонски.

Унковски досега беше познат по краткиот филм „Налепница“ (Sticker), прикажан на Sundance Film Festival 2020. „Диџеј Ахмет“ е негов дебитантски долгометражен филм, кој по пет години работа и бројни предизвици, го донесе македонскиот филм на светската сцена.

Проектот доби поддршка од паневропскиот филмски фонд Еуримаж со 160.000 евра, а како мнозински копродуцент од Македонија, продукцијата ја потпишуваат „Синема Футура“, „Сектор филм“ и „Протим видео продукција“. Филмот е реализиран во копродукција со „Алтер Висион“ (Чешка) и „Бекрум Продакшн“ и „Баш Челик“ (Србија).

Георги М. Унковски завршил фотографија на Институтот за технологија во Рочестер, САД, а потоа магистрирал режија на Универзитетот „ФАМУ“ во Прага, во класата на Иво Трајков.