Денеска од Левица рекоа дека ќе чекаат неколку дена да се произнесе „Европскиот фронт“ од чии редови е Даути и да видат дали таа ќе поднесе оставка од функцијата, а доколку тоа не се случи, ќе поднесат предлог за нејзино разрешување до Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата не е надлежна самата да презема нешто во врска со интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, вели претседателот на ова собраниско работно тело, Ѓорѓија Сајкоски.
Тој додава дека досега Комисијата за прашања на изборите и именувањата нема добиено никакво известување.
„Во заклучокот од Собранието се кажува дека наводите во интерпелацијата се основани, односно дека со 61 пратеник, претседателот на Комисијата е разрешен, во случајот Даути, бидејќи не ги исполнила деловничките одредби. Тоа е она што е суштината. Комисијата за прашања на изборите и именувањата не е надлежна самата да презема бидејќи не е ни повикана. Чекаме следни чекори од пратеничките групи“,вели Сајкоски во изјава за МИА.
Според Сајкоски, интерпелацијата е висок морален чин на секој именуван функционер кој не ја исполнува законската обврска, односно смета дека Даути треба самата да си поднесе оставка.