Skip to main content
Македонија

SafeJournalists: Македонските медиуми под континуиран притисок

10/12/2025  15:12

Во 2025 година, слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Западен Балкан останаа под сериозен и континуиран притисок. По повод Меѓународниот ден на човековите права, Мрежата SafeJournalists потсетува дека слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана се фундаментални човекови права, без кои не може да постои демократско општество. Иако медиумските пазари формално се плуралистички, реалниот простор за независно новинарство се намалува поради тесните врски меѓу политиката, бизнисот и медиумите, економската несигурност на редакциите и сè поизразените обиди за влијание врз уредувачката автономија, што ја ослабува улогата на медиумите како демократски контролор и го зголемува ризикот од автоцензура.

Во целиот регион, продолжуваат напади, закани и притисоци врз новинари, од физички инциденти до сериозно онлајн вознемирување, особено насочено кон новинарки, додека институционалните реакции често се бавни и недоволни. Дополнителна загриженост предизвикуваат правната несигурност, недостатокот на заштита од СЛАПП тужби, застарените регулаторни рамки и кризите во управувањето и финансирањето на јавните медиумски сервиси. SafeJournalists предупредува дека без доследна политичка волја, ефективна институционална заштита и структурна поддршка за одржливи и независни медиуми, овие трендови ќе продолжат да ги поткопуваат темелите на слободата на изразување и демократските стандарди во регионот.

Во Македонија, состојбата со медиумските слободи и безбедноста на новинарите во 2025 година прикажува мешана слика. Формално има напредок и позитивни законски промени, но постојат значајни структурни предизвици и застој во практиката. Иако државата се рангира релативно добро на скалата за слобода на медиуми, падот на 42-то место на Индексот на Репортери без граници – за шест позиции пониско од 2024 година – ја одразува сè покомплексната медиумска околина.

Во законски контекст, последните реформи во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и во Кривичниот законик ги зајакнаа заштитните механизми за новинарите. Сепак, судската практика останува неконзистентна, политичкото рекламирање и понатаму претставува ризик за уредувачката автономија, а кампањите финансирани од државата во приватните медиуми повторно беа воведени во 2024 година, и покрај предупредувањата од ЗНМ. Недостасуваат механизми за поддршка на медиумскиот плурализам, целосна примена на европските препораки за анти-СЛАПП заштита, безбедност на новинарите и модернизација на законодавството за авторски права.

Социо-економските слабости дополнително го поткопуваат медиумскиот пејзаж: повеќето новинари заработуваат под националниот просек, а медиумските работници се во уште понесигурна положба. Недостатокот од млади професионалци, ниските плати и недостигот од технички и продукциски кадар, особено во јавниот сервис МРТВ, сериозно ја загрозуваат квалитетот и одржливоста на новинарската професија. Без значајни инвестиции во професионален развој, фер надомест и јасни работни стандарди, ризикот од одлив на кадар и самоцензура останува висок.

Во поглед на безбедноста, иако физичките напади се намалија во 2025 година, дигиталните закани, говорот на омраза и политичкото етикетирање и понатаму се доминантни извори на притисок, особено на социјалните мрежи. Истрагите за нападите остануваат бавни и ретко доведуваат до одговорност, а поновите случаи, како палењето возила на новинари, сè уште се нерасветлени, што го продлабочува чувството на неказнивост. И покрај подобрената соработка меѓу ЗНМ, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство преку назначени контакт-точки, СЛАПП тужбите и понатаму претставуваат сериозен инструмент за заплашување, а загрижувачки е трендот на нивно зголемување.

Севкупно, 2025 година ја отсликува амбивалентната реалност на медиумскиот сектор во Македонија – формално напредува, но суштински останува ранлив, со јасна потреба од конзистентна институционална заштита, структурна поддршка и вистинска политичка волја за зајакнување на слободното и независно новинарство.