Skip to main content
Скопје

Саем за храна во Скопје – уникатна можност да се вкусат домашни производи и специјатлитети

08/11/2025  09:15

Уникатна можност да се вкусат домашни производи и специјатлитети од сите региони на Македонија, претставува Саемот за храна што ќе се одржи денеска во Градскиот парк во Скопје.

Под мотото „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, Саемот ќе ги промовира производите „Македонско најдобро“ кои, како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), претставуваат синоним за квалитет.

-Саемот за храна ќе понуди богат избор на свежо овошје и зеленчук, млечни производи, мед, преработки од овошје и зеленчук и вино, подготвени со внимание и љубов кон традицијата. Ве поканувам да дојдете, секоја ваша поддршка е инвестиција во домашното производство, локалната економија и развојот на руралниот туризам. Заедно да ја негуваме традицијата и да градиме поуспешна иднина за македонското земјоделство, апелира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски кој се очекува да се обрати пред присутните учесници и посетители.

Настанот ќе биде збогатен со репертоар на познати музички изведувачи.

Саемот за храна го организира здружението „Наша традиција, наша иднина“ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.