![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2025/01/nafta2.webp)
Министерството за финансии на САД воведе санкции кон меѓународната мрежа компании и поединци која овозможува милиони барели иранска нафта, вредна милиони долари, да биде транспортирана во Кина.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 4 февруари потпиша меморандум со кој повторно воспостави остра политика кон Иран, како и во првиот претседателски мандат. Според него Иран не може да има нуклеарно оружје.
Фокусот на иранскиот режим останува на користењето на приходите од нафтата за финансирање на својата нуклеарна програма, производство на смртоносни балистички ракети и беспилотни летала и поддршка на сојузничките терористички групи во регионот, истакна министерот за финансии Скот Бесент, особено споменувајќи ги палестинскиот Хамас, либанскиот Хезболах и јеменскиот Ансаралах.
Новите санкции се насочени кон поединци и компании во неколку земји, вклучувајќи ги Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати и танкерите „СиЕјч Билон“ (CH Billion) и „Стар форест“ (Star Forest), кои пловат под знамињата на Панама и Хонг Конг.
Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан претходно ги повика земјите-членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) да се обединат во отпорот против можните американски санкции.