Skip to main content
Свет

САД со ново предупредување за патување во Италија поради закани од тероризам

27/05/2025  23:21

Соединетите Американски Држави го ажурираа своето предупредување за патување во Италија, повикувајќи ги своите граѓани да покажат зголемена будност поради потенцијален ризик од терористички напади.

На веб-страницата на американскиот Стејт департмент се наведува дека постои „ризик од тероризам во Италија, како што се терористички напади и слични активности“. Италија сега е категоризирана со второ ниво на предупредување, на листата од четири нивоа – каде четвртото означува препорака да не се патува воопшто.

Во предупредувањето се вели дека терористите можат да нападнат со минимално или без никакво предупредување, а потенцијални цели се туристички локации, цркви, аеродроми, хотели и ресторани.

Италија, членка на Европската Унија и една од најпопуларните дестинации за американски туристи, годишно привлекува повеќе од 7,5 милиони посетители од САД. Моментално, во Рим престојува голем број американски туристи, делумно привлечени и од неодамна избраниот папа Лав XIV, Роберт Френсис Превост – првиот Папа во историјата роден во САД, поточно во Чикаго.

Засега не се наведени конкретни причини за новата класификација, а слични предупредувања од второ ниво имаат и други земји-членки на ЕУ, како Германија, Франција и Шпанија.