Skip to main content
Свет

САД со масовен напад врз цели на Исламска држава во Сирија

20/12/2025  08:38

Американската армија изврши масовен напад врз цели поврзани со Исламска држава (ИД) во Сирија, како одмазда за нападот во кој на 13 декември во покраината Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Од Вашингтон соопштија дека целта на операцијата е да се ослабат капацитетите на ИД и да се спречат идни напади врз американските сили, од кои околу 1.000 се распоредени во Сирија. Операцијата, наречена „Hawkeye Strike“, била насочена кон борци, инфраструктура и складишта со оружје на ИД.

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека станува збор за одлучна одмазда, а не за почеток на нова војна. Претседателот Доналд Трамп, пак, соопшти дека сириската влада ги поддржува нападите и дека САД реагираат „многу жестоко“.

Централната команда на САД потврди дека во акцијата учествувале и борбени авиони на Кралските јордански воздухопловни сили. Сириското Министерство за надворешни работи порача дека земјата останува посветена на борбата против ИД и нема да дозволи безбедни засолништа за терористите. Во последните месеци, коалицијата предводена од САД спроведе повеќе воздушни и копнени операции против ИД во Сирија, во соработка со сириските безбедносни сили.