
САД и Русија во првиот квартал од 2026 година во Европа извезле најмногу течен природен гас (ЛНГ) од кога било досега во првото тримесечје – покажуваат податоци на Институтот „Бригел“.
САД доставиле 8,27 милијарди кубни метри, а Русија 2,46 милијарди. Најголемата количина ЛНГ пристигнала преку пристаништата во Белгија, Франција, Холандија и Шпанија.
Најголеми извозници на ЛНГ по САД се Австралија и Катар, кои најголемиот дел го извезуваат во Индија и во Кина.
Европската Унија во 2025 година на увоз на гас потроши 117 милијарди евра за 316 милијарди кубици гас, од кои 30 проценти увезла од Норвешка, 26 отсто американски ЛНГ, десет проценти од гасоводот од Алжир и десет отсто ЛНГ од други земји извознички и шест проценти руски ЛНГ.
Катар, Велика Британија и Азербејџан имаа удел од четири проценти во вкупниот увоз на гас во ЕУ.
Институтот „Бригел“ проценува дека, за разлика од 2022 година кога Русија ја нападна Украина, сега снабдувањето со гас не е загрозено, но дека Европа сè уште се соочува со проблеми ако не може да најде доволно резерви и да биде ценовно конкурентна на глобалниот пазар како купувач.


