Skip to main content
Свет

Руте: Членките на НАТО го зголемуваат воениот буџет, поддршката за Украина останува цврста

12/02/2026  21:40

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, по состанокот на министрите за одбрана во Брисел изјави дека Алијансата бележи напредок во зголемувањето на инвестициите во одбраната, оценувајќи дека тоа е клучно за зачувување на безбедноста.

Според него, на средбата бил анализиран напредокот во спроведувањето на одлуката од Самитот во Хаг во јуни 2025 година, со која земјите членки се обврзаа постепено да ги зголемат трошоците за одбрана на пет проценти од БДП. Руте посочи дека неколку држави, меѓу кои Данска, Естонија, Литванија, Летонија и Полска, веќе ја достигнале или надминале целта, додека Германија значително ги зголемува вложувањата.

Состанокот бил насочен и кон јакнење на одвраќањето и продолжување на поддршката за Украина. „НАТО стои со Украина. Нашата безбедност е поврзана и сите сакаме праведен и траен мир“, нагласи Руте, додавајќи дека сојузниците остануваат обединети.

На средбата не присуствуваше американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, туку неговиот заменик Елбриџ Колби. Руте отфрли дека тоа е знак на несогласувања, истакнувајќи дека САД се целосно посветени на Алијансата и активно вклучени во мировните напори поврзани со војната во Украина.